Лекување и третман на акни и лузни од акни

Акните не се проблем кој ги засега само тинејџерите. Скоро 80% од луѓето се имаат соочено со акните во одреден момент од нивниот живот. Иако многумина ја имале среќата лесно да се справат и да си ја повратат убавината на кожата, милиони луѓе низ светот сè уште се обидуваат да го најдат соодветниот продукт кој ќе им помогне да ја надминат оваа состојба. Но проблемот не завршува само со смирување на акните туку продолжува со измазнување на кожата од лузните кои редовно се појавуваат ако навремено не се контролираат ерупциите на акни.

Зошто се појавуваат акне лузните?

Ако акне промените се со тешка клиничка слика поголема е веројатноста да се добијат лузни. Секоја акне промена е составена од гнојна колекција со околно воспаление, а процесот се одвива длабоко во кожата. Гнојната колекција созрева бавно и е присутна во кожата неколку недели. За време на тој процес се врши деструкција на структурите на кожата, а како последица се создава лузна. Сепак однапред не може со сигурност да се предвиди дали акните ќе завршат со лузни или не. Затоа лекување на акнеичните промени треба да се почне рано. Кога акните се под контрола ризикот за создавање на лузни е помал.

Како може да се отстранат акне лузните?

Благодарение на напредните медицински технологии акне лузните може да се ублажат или отстранат под надзор на дерматолог. Лузните кај секого се различни по големина и длабочина па затоа и пристапот на третирање е индивидуален и прилагоден спрема состојбата на пациентот. Најчесто најдобри резултати дава комбинација на неколку третмани кои ги одредува и спроведува дерматолог.