Корекција на брчки со ботокс
До пред неколку години зборот ботокс тивко се кажуваше. Околу неговата апликација сеуште има мистерија и многу митови кај нас, иако во светот се работи многу години, со воодушевување е прифатен и нема многу непознатици околу неговата ефикасност и безбедност. Ботоксот е еден од најприфатливите неинвазивни третмани во естетската дерматологија а го користат повеќе милиони луѓе.
Што е ботокс?
Ботокс е прочистен протеин кој доаѓа од бактеријата Clostridium Botulinum. Тоа е нехируршки третман администриран од дерматолог кој што може привремено да ги редуцира средно тешките и тешките облици на брчки во лицевата регија а се употребува и при треман на хиперхидроза односно прекумерно потење. Ботулинскиот токсин го блокира нервниот импулс кој доведува до контракција на мускулите, што пак доведува до негова релаксација, а кожата има посвеж изглед и ефект на затегнатост.
Ботоксот е болна процедура?!
Ботоксот се аплицира со многу мали и претенки специјано дизајнирани инјекции во делот на каде што е потребно. Нема потреба од анестезија бидејќи процедурата скоро и да нема да ја осетите. Доколку сепак сте хипер осетлива особа може да побарате апликација на крем за локална анестезија.
Ботокс предизвикува замрзнато лице без лицева експресија?!
Меѓу мускулите на лицето постои хармонична рамнотежа. Ако премногу се вбризгува ботокс, може да се предизвика и ваков ефект. Сепак доколку лекар специјалист го прави овој третман ќе внимава да инјектирa мали дози во одредени мускули a ефектот ќе биде природно ублажување на несаканите линии и брчки без да се загрози вашиот израз на лицето.
Секој може да администрира ботокс?!
Ботокс треба да се дава единствено од страна на искусни специјалисти, дерматолози и секако да биде аплициран во медицинска установа.
Ботоксот е отров и може да биде штетен за козметички употреба?!
Ботоксот се добива од бактерија која го излачува како отров. Тоа е, всушност, лекарски препишан производ. Исто така е еден од најшироко истражуваните лекови во светот и милиони пациенти го користат во медицински цели како терапија за мигрена, за асиметрии на лицето како и за терапија против прекумерно потење под пазуви, дланки и табани. Покрај тоа, производот е дозволено да се ракува само од страна на обучени специјалисти. Во микро количини, ботулински токсин тип А обезбедува добри резултати за измазнување на линиите на лицето, хиперхидроза итн. a има FDA одобрување од американската асоцијација за лекови и процедури.
Запирање на администрирање ботокс предизвикува влошување на брчките?!
Ботокс ефектите може да траат четири до шест месеци. Кога дејството на лекот ќе исчезне, Вашето лице се враќа во состојбата пред третманот а брчките се поплитки и после неколку годишно аплицирање лицето изгледа подобро.
Ботоксот не е за мажи ?!
Мажите се индивидуи со истиот број и позиција на мускули како и жени и формираат брчки на ист начин. Бројот на мажи кои аплицираат ботокс е голем и постојано расте.
Креми или ботокс?!
Кремите достапни на пазарот за мазнење брчки и линии предизвикани од муртење се површински креми и се аплицирараат на површината, надворешно. Но со ботоксот се делува на мускулите кои се наоѓаат во внатрешните слоеви и кои всушност се одговорни за формирањето на брчките. Ботоксот делува во насока на релаксација на мускулите и прави кожата да изгледа мазно. Ефектот од кремите према тој од ботоксот нема споредба.