Хемиски пилинг
Дерматолозите користат различни тераписки модалитети за да ја подобрат структурата на кожата, да изгледа понегувано, посвежо и поздраво. Еден од тие третмани е и хемискиот пилинг.
Што претставува хемискиот пилинг?
Хемискиот пилинг претставува медицински третман со кој се подобрува изгледот и текстурата на кожата, се постигнува измазнување на тенките и средно длабоките брчки, се избледуваат хиперпигментациите, се третираат лузни и акни и други оштетувања на кожата предизвикани од сонце. Тој може да биде суперфицијален (површински), средно длабок и длабок пилинг, во зависност од типот на хемиската супстанција која ја користиме, нејзината концентрација, времето на дејствување и секако проблемот за кој го употребуваме.
Како дејствува?
Хемискиот пилинг се изведува со нанесување на хемиска супстанција на кожата која предизвикува контролирано оштетување на површинските слоеви на клетките и нивна ексфолијација односно лупење. Најчесто се употребува на лицето, но може и на вратот, рацете или грбот. Новата регенерирана кожа која се крие под лушпите е помазна, посјајна и со помалку изразени брчки. Значи освен тоа што ги отстранува старите оштетени слоеви на клетки тој стимулира и создавање на нов колаген, ја зголемува количината на хијалуронската киселина и го подобрува квалитетот на еластичните влакна истовремено намалувајќи ги оксидативните оштетувања на кожата.
Изборот на хемиската супстанција која ќе се употреби при хемискиот пилинг зависи од состојбата на лицето и она што сакаме да постигнеме. Најчесто се употребуваат пилинзи со:
- Алфа-хидрокси киселини(АXA) како гликолна, млечна, манделична, цитрична и тартарична киселина, кој е најблагиот хемиски пилинг погоден за третман на фини линии, сува рапава кожа, хиперпигментации и акни кај сите типови кожа.
- Бета-хидрокси киселини(БXA) како салицилната киселина која подлабоко навлегува во порите од АXA киселините и е погоден за третман на масна кожа и кожа со акни.
- Jassner пилинг кој е комбинација од 14% салицилна киселина, млечна киселина и резорцинол во база од етанол и е одличен за рејувенација на кожата.
- Пилинг со ретиноична киселина кој е погоден за третман на лузни, брчки и пигментни флеки.
- Трихлороцетна киселина која се користи како средно длабок или длабок пилинг во концентрација од 20-50%. Таа е одлична во третманите на лузни, брчки и хиперпигментации.
Каде се применува?
Хемискиот пилинг преку ексфолијација на клетки и стимулација на создавање на колаген и еластин го подобрува изгледот на кожата и нејзината структура. Тој е ефективен при решавање на кожни проблеми како што се:
- хиперпигментации,
- лузни,
- акни,
- тенки и средно длабоки брчки,
- оштетувања на кожата предизвикани од сонце.
Тој може да биде суперфицијален (површински), средно длабок и длабок пилинг, во зависност од типот на хемиската супстанција која ја користиме, нејзината концентрација, времето на дејствување и секако проблемот за кој го употребуваме.
Третманот трае 30-45 минути и треба да го изведува обучен специјалист дерматолог. Пациентот за време на третманот чувствува жарење и топлина која за кратко време поминува. Регенерацијата на кожата трае од 2-3 дена кај суперфицијалниот (површинскиот), 5 до 7 дена кај средно длабокиот пилинг.
После третманот се препорачува користење на високо хидрирачки регенеративни креми и креми со заштитен фактор СПФ 30+ поради зголемената чувствителност на новонастанатата кожа. Затоа најдобар период од годината за примена на овој медицински третман е периодот касна есен-зима-рана пролет кога и сончевото зрачење не е многу големо.