Третмани за освежување, чистење и одржување на кожата на лицето

ХЕМИСКИ ПИЛИНГ – Хемискиот пилинг претставува медицински третман со кој се подобрува изгледот и  текстурата на кожата, се постигнува измазнување на тенките и средно длабоките брчки, се избледуваат хиперпигментациите, се третираат лузни и акни и други оштетувања на кожата предизвикани од сонце.

Тој може да биде суперфицијален (површински),  средно длабок и длабок пилинг, во зависност од типот на хемиската супстанција која ја користиме,  нејзината концентрација, времето на дејствување и   секако проблемот за кој го употребуваме.

Третманот трае 30-45 минути и треба да го изведува обучен специјалист дерматолог. Пациентот за време на ретманот чувствува жарење и топлина која за кратко време поминува. Регенерацијата на кожата трае од 2-3 дена кај суперфицијалниот (површинскиот) до 5-7 дена кај средно длабокиот пилинг.

После третманот се препорачува користење на високо хидрирачки регенеративни креми и креми со заштитен фактор СПФ>30 поради зголемената чувствителност на новонастанатата кожа. Затоа најдобар период од годината за примена на овој медицински третман е периодот касна есен-зима-рана пролет кога и сончевото зрачење не е многу големо.